Големината на играчите се гледа токму во најважните моменти, токму затоа уште поимпресивна е статистиката на Лионел Меси, кој традиционално блеска токму на клучните натпревари, како на клупско, така и на репрезентативно ниво. Впрочем, најдобар доказ за тоа е статистиката која вели дека аргентинскиот генијалец има одиграно вкупно 43 финалиња во кариерата, славејќи на 30 од нив, импресивни 69% на успешност во мечеви за трофеи со врвни ривали.
Самата статистика на Меси е уште поимпресивна, со 35 гола и 17 асистенции на овие финални натпревари, јасен доказ за тоа за каков лидер станува збор.
Репрезентацијата му беше болна точка со четири загубени финалиња во низа, но Меси најде решение и за овој проблем – па сега има четири победи во низа во финалињата со „гаучосите“, серија што почна со Копа Америка 2020, продолжи со Финалисима 2021, потоа на мундијалот 2022 во Катар и со Копа Америка 2024 што се одржуваше токму во САД.
Лео Меси и Аргентинците се максимално суеверни, па се сетија дека полуфиналето од таа Копа Америка го играа на истиот стадион, па се погрижија да го резервираат истиот хотел како и пред две години. Згора на тоа, резервирани се истите броеви на соби и сите фудбалери кои беа дел од таа селекција спијат буквално во истите соби, со истите цимери. Се со цел – серијата на освоени трофеи да продолжи.
Фановите на Меси забележаа уште една работа, Лео на профилите на социјалните мрежи ги има истите постови како и пред четири години во Катар. Неговите блиски велат – суеверие бидејќи најдобриот фудбалер на денешницата сака да ја создаде истата енергија како на СП 2022 кога му се оствари големата желба – да стане светски првак со Аргентина.
Досега, се му вроди со плод. Останува уште последниот испит, оној најтешкиот, во финалето со Шпанија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
