„Супер Работнички“ постигна 42 поени во четвртина против Куманово

Работнички со уште еден извонреден натпревар покажа дека е најдобар тим на домашната кошаркарска сцена во досегашниот дел од сезонава, откако „црвено-белите“ го декласираа Куманово со убедливи 109-76, одмаздувајќи му се на противникот за единствениот претрпен пораз сезонава. Неверојатно беше изданието на домашните кошаркари во третата четвртина, во која Работнички постигна фантастични 42 поени наспроти само 18 на кумановци, за разрешување на сите дилеми околу победникот на овој натпревар.

Избраниците на тренерот Петровиќ го изненадија домаќинот со одлично издание во нападот во првата четвртина, што кумановци ја завршија со предност од 19-26. Тимот на Марин Докузовски возврати во вториот период, добивајќи го со 26-14, за потоа да одржи лекција по модерна кошарка во третата четвртина, постигнувајќи неверојатни 42 поени. Остатокот од мечот беше рутина, па Работнички можеше да си дозволи да сочува дел од силите за наредниот предизвик, гостувањето против шампионот МЗТ Скопје во наредното коло.

Чавдар Костов со 24 поени беше прв стрелец на овој натпревар, Кире Николовски постигна 17, а Караџовски и Еванс по 14 поени. Кај Куманово најефикасни беа Ковач со 22 и Јанески со 21 поен.

Овие два тима ќе се сретнат и во полуфиналето од плејофот, со оглед на фактот дека Работнички веќе го осигура првото, а Куманово четвртрото место во Супер-лигата.

Се вчитува...