Супер-вечер за МЗТ: Јуниорите со победа против Морнар го почнаа полуфиналниот турнир во АБА лигата

Вечер за паметење за МЗТ Скопје, ако по победата на сениорскиот тим на гостувањето кај Динамик (92-82) во АБА 2 лигата, голем триумф остварија и јуниорите на „металците“ кои по голема борба го совладаа Морнар од Бар (82-73) во првиот меч на полуфиналниот турнир на У19-шампионатот од АБА-лигата, кој се игра во Задар.

Сино-белите апсолутно заслужено триумфираа, иако за тоа им требаа дополнителни пет минути. Момците предводени од тренерот Горан Крстевски доминираа во најголемиот дел од средбата, имаа и плус 13 поени (59-46) на седум минути до крајот, но дозволија противникот со тројка на неколку секунди до крајот да дојде до 66-66. Сепак, македонските таленти блеснаа во продолжението и не му дадоа шанса на противникот воопшто да помисли на победа.

Виктор Исајловски беше централната фигура кај МЗТ со 26 постигнати поени, а веднаш зад него беа Дарио Митевски со 17 односно Љубиша Димитровски со 15 поени.

Јуниорите на МЗТ Скопје утре ги продолжуваат натпреварите во хрватскиот приморски град, кога ќе одиграат две средби и тоа прво против домаќинот Задар (11.45 часот), а потоа и против Црвена звезда (20.15 часот). Во сабота ќе ги одмерат силите со Цедевита Олимпија (11.45 часот), додека в недела се финишира против Копер Приморска (11.45 часот).

Пласман на финалниот турнир ќе обезбедат двете првопласирани екипи од полуфиналната група.

Се вчитува...