Супер-вест: Хендрикс ќе игра против Косово и Романија

Македонската кошаркарска репрезентација ќе биде значително засилена за претстојните натпревари со Косово и со Романија, откако Ричард Хендрикс се согласи да допатува и да му се стави на располагање на стручниот штаб за стартот од новиот претквалификациски циклус за ЕП 2021. Селекторот Јорданчо Давитков од првиот ден на подготовките најавуваше дека е тешко да се убеди Хендрикс, но ниту тој ниту луѓето од федерацијата не се откажуваат од таа намера.

Проблемот од самиот почеток беше семеен, поради хируршкиот зафат што мораше да биде извршен врз детето на американскиот кошаркар. За среќа, се мина во најдобар ред, па и самиот Хендрикс како и раководството на неговиот клуб дадоа зелено светло за тој да може да се појави во дресот на Македонија.

Пристигнувањето на одличниот Американец се очекува во текот на денешниот ден, по што тој вечерва би требало да го одработи и првиот тренинг со „црвено-жолтите“. Македонската репрезентација в четврток во Приштина ќе се сретне со Косово во првото коло од претквалификациите за Евробаскет 2021, по што три дена подоцна во рамките од втората рунда на домашен терен ќе ја пречека Романија.

Се вчитува...