Супер вест: МЗТ Скопје ќе биде домаќин на завршниот турнир од АБА2-лигата

МЗТ Скопје е чекор поблиску до остварување на големата желба – враќање во елитното друштво на АБА-лигата откако македонскиот првак ја доби организацијата на завршниот турнир во АБА2.

Во конкуренција за град-домаќин беа уште Сараево и Белград, српскиот главен град се откажа откако ја доби организација на фајналфор турнирот од Евролигата, а челниците на АБА го избраа Скопје за домаќин на завршните битни за влез во елитата. Овој завршен турнир ќе се одржи од 13 до 17 април во салата „Јане Сандански“, а ќе учествуваат најдобрите осум тима од лигашкиот дел од АБА2.

„Ова е голема обврска и чест за нашиот клуб, но истовремено и огромна шанса на домашен терен и со голема поддршка од трибините да се направи конечниот исчекор кон враќање меѓу најдобрите тимови во регионот. Аеродром и нашиот клуб ја добија пресметката со Сараево, кој исто така беше максимално заинтересиран и беше сериозен конкурент во битката за улогата домаќин на најдобрите осум тима во АБА2-лигата“, објави МЗТ Скопје.

Кои екипи ќе се појават на фајналејт-турнирот во Скопје ќе се знае кон крајот на месецов, по одигрување на последниот турнир од регуларниот дел од сезоната во босанскиот град Широки (21-27 март). МЗТ Скопје на овој „балон“ влегува како второпласиран на табелата со скор 8-2, а до крајот ќе ги одмери силите против Широки (22.03), Борац Бања Лука (25.03) и против Златибор (27.03).

Најдобрите осум на турнирот во „Јане Сандански“ ќе играат на еден меч (не на два како лани) по кој победникот оди понатаму, а поразениот си заминува дома. Крајниот победник директно ќе се пласира во Адмирал бет АБА-лигата, додека финалистот ќе игра бараж со претпоследниот во ова натпреварување.

Се вчитува...