Супер-вест за Сити: Де Бруине почна со тренинзи

Манчестер сити се израмни на врвот на табелата со Ливерпул, а „граѓаните“ со уште поголем оптимизам ќе влезат во наредниот период, свесни дека е многу близу камбекот на нивниот најдобар фудбалер, Кевин де Бруине. Белгискиот ас е повреден подолго од еден месец, првите информации велеа дека паузата ќе изнесува најмалку 90 дена, но Де Бруине експресно се рехабилитираше и наскоро ќе му биде на располагање на Пеп Гвардиола.

Впрочем, тој денеска и официјално почна да тренира со остатокот од тимот, давајќи дополнителен позитивен импулс во таборот на англискиот првак. Белгиецот нема да патува со тимот за утрешното гостување во Хофенхајм и ќе продолжи да тренира во комплексот на Сити. „Граѓаните“ веќе в недела ги очекува тежок дуел на „Енфилд“ против Ливерпул, натпревар на кој Де Бруине во најдобар случај би одиграл максимум триесетина минути, но Гвардиола е презадоволен што клучниот играч за врска ќе го има во тимот за дербито со Тотенхем, закажано по репрезентативните настапи за 29 октомври.

Проблем за Гвардиола е што Серхио Агуеро се пожали на повреди при триумфот над Брајтон, па Аргентинецот најверојатно ќе го пропушти мечот со Хофенхајм, а е неизвесен и за пресметката на “Енфилд“ в недела.

Се вчитува...