Супер-вест за Вардар: Копенхаген заборавил да победува дома

Екипата на Копенхаген се наоѓа во сериозна криза на стартот од новата сезона во данското првенство, што е добра вест за Вардар во пресрет на гостувањето во реваншот од квалификациите за Лигата на шампионите.

Домашниот терен не им значи премногу на данските прваци на почетокот од сезонава, откако и на вториот дуел пред своите гледачи Копенхаген не успеа да забележи победа, ремизирајќи 0-0 против тимот на Хобро. Тренерот Солбакен направи неколку промени во стартниот тим во однос на дуелот од Скопје, давајќи им шанса на Матиќ и на Сотириу за поофанзивен изглед на првите единаесетмина.

Сепак, Копенхаген не успеа да искористи ниту една од неколкуте шанси што ги создаде, а мора да се истакне дека овој тим прикажа и игра која може само да го радува Вардар во пресрет на реваншот в среда.

Доколку Данците се прикажат во слично светло, огромни се шансите „црвено-црните“ да ја одбранат предноста од еден гол од Скопје и да остварат историски успех со пласманот во четвртата квалификациска рунда за ЛШ.

За потсетување, покрај двете домашни средби на кои ремизираше во данското првенство, Копенхаген загуби на домашен терен од Жилина на реванш дуелот од квалификациите за ЛШ.

Се вчитува...