Суперкуп: „Вечните“ и „јадранките“ ја отвораат новата сезона

Баскет КАМ, Бадел 1982, МЗТ Скопје и Работнички ќе ја имаат честа да ја отворат новата сезона во македонската кошарка со шанса да стигнат и до првиот трофеј во сезоната во премиерното издание на Суперкупот во женска конкуренција, односно деветтото издание во машка.

Први кои ќе „затропаат“ со топките во СЦ „Кале“ ќе бидат дамите чиј натпревар е закажан со почеток од 17 часот. За нашите претставнички во женската АБА лига ова ќе биде и прв сериозен натпревар во сезоната и воедно добра шанса за испробување на силите пред натпреварите на „Јадранот“.

„Благодарност за раководството на клубот што ми дава можност да работам во еден шампионски тим како Баскет КАМ, и да се бориме за првите позиции во Македонија. Што се однесува до овој натпревар, тој треба да ни покаже што сме работеле досега. Да видиме до каде сме стигнале во она што се нарекува процес, работа. Работам со екипа во која е видлива онаа работна етика, присутна дисциплина, тоа треба да го покажеме и на теренот. Играме против еден добар тим, кој исто така ќе игра и во ВАБА лигата. Имаме млади кошаркарки од кои очекуваме прогрес, потпомогнати со оние играчи кои доаѓаат од страна. Ние треба да им го овозможиме тоа, и да бараме максимална ангажираност од сите, на секој натпревар“, изјави новиот тренер на Баскет КАМ,  Александар Алексиев.

„Не менувавме многу во паузата меѓу двете првенства, сега ги имаме Кметовска и Кетлин кои ќе ги покриваат центарските позици во екипата која оваа година ќе игра  во ВАБА лигата. Оттука, ова е убава можност за проверка и наша и на противникот, кој за разлика од нас, направи доста промени во ростерот. Особено пред оние први мечеви од Јадранската лига кои следуваат веќе од наредната седмица“, изјави предводникот на „баделки“, Перо Стамески.

Два и пол часа подоцна (19:30) силите ќе си ги одмерат и вечните ривали МЗТ Скопје и Работнички. Аеродромци во овој меч влегуваат како бранители на трофејот, но „сино-белите“ мака мачеа во текот на претсезоната со голем број на отсуства во пријателските натпревари.

Работнички пак ова лето претрпе огромни проблеми во својот тим и во новата сезона влегува со нов тренер, нов стручен штаб и нови играчи. „Црвено-белите“ можевме да ги видиме на меморијалниот турнир „Анте Дуковски“, но ќе биде интересно да видиме каква ќе биде мотивацијата за денешниот меч против големиот ривал.

„Ќе биде убаво ако сезоната ја започнеме со освојување на трет пехар во серија. Суперкупот е натпревар кој е увертира за новата натпреварувачка сезона во кој нас нè чекаат многу натпревари. Би требало да биде релативно ревијален тип на натпревар. Имавме проблеми со повредите во целиот тек на подготовките. До последен момент не знам кои играчи ќе ги имаме на располагање за овој меч. Но имаме и добри информации за тоа како играше Работнички во периодот на подготовките. Се надевам на една спортска приредба, и на крај, да ја започнеме сезоната со победа. Ќе биде интересно, во секој случај, да видиме до каде сме во овој момент“, вели тренерот на МЗТ Скопје, Дарко Радуловиќ.

„Ова е еден сосема нов проект на Работнички, каде што целосно е променет играчкиот, тренерскиот, и дел од раководниот сегмент во клубот. Направен е еден целосен ‘ребилдинг’ на сите нивоа. Ова лето го искористивме да се екипираме, да формираме играчки кадар согласно со актуелните можности. Во никој случај не беше лесно, со оглед на тоа дека правиме тим кој треба да се обиде да го претстави Работнички во најдобро светло. Сигурно е дека ни треба време да се воиграме. И мора да се биде трпелив во тој поглед. Одигравме неколку натпревари, но дури на последните две проверки бевме во комплетен состав. Оттука овој дуел со МЗТ Скопје Аеродром за нас во стручниот сегмент, но и за играчите, ќе биде вистински тест пред официјалниот старт на сезоната. Сезона во која, ќе повторам, влегуваме со еден комплетно нов состав за чии реални можности ќе знаеме кога ќе дојдат на ред првенствените натпревари“, изјави новиот тренер на Работнички, Тони Симиќ.

Се вчитува...