„Суперлигата е слобода, солидарност, транспарентност – УЕФА лаже за сѐ“

Првиот човек на најтрофејниот европски клуб Реал Мадрид, Флорентино Перез жестоко распука по Европската фудбалска унија (УЕФА) дека со лажни приказни се обидува да ја спречи Суперлигата, која е проект на слободата и за доброто на фудбалот.

Перез на редовното Собрание на клубот посочи ја потсети УЕФА дека заборава кој е Реал Мадрид и дека сите новитети и сиот прогрес на фудбалот е врзан со „кралскиот клуб“ како предводник на сѐ што се развивало во фудбалот до денешен ден.

„УЕФА заборава кој е Реал Мадрид и треба да сфати кој е овој клуб, дека учествувал во секој иновативен процес низ годиниве и децениите, а актуелната ситуација не ни остава ништо освен да си ги браниме личните интереси. Суперлигата е слобода! Ние се обидовме да ја смениме динамиката на фудбалот, кој сега со пандемијата – умира! Суперлигата е транспарентност, солидарност, финансиски фер-плеј. Проект кој ќе ги заштити сите, кој ќе спречи некои да добиваат огромна финансиска поддршка“, рече Перез.

Еден од најмаркантните луѓе во европскиот фудбал, потенцира дека УЕФА со лажни приказни се обидува да уништи нешто, а клубовите се тие што влегуваат во ризици и на крај не добиваат ништо.

„Сите податоци велат дека сѐ повеќе младите се оддалечуваат од фудбалот, дека сѐ повеќе ги губиме навивачите. Форматот на ЛШ веќе не треба да постои. Ајакс дојде до полуфинале, а следната година мораше да игра квалификации?! Суперлигата е таа што нуди промени, а големите клубови имаат одговорност да размислуваат за иднината на фудбалот. Ние (клубовите – н.з.), а не УЕФА, зашто ние ги сносиме трошоците и влегуваме во ризици. УЕФА само лаже. Вирулентноста на врескањето на УЕФА за Суперлигата ја покажа сета наша исправност, зашто ние ја сакаме слободата. А, УЕФА одбива(ше) дијалог. Се закануваа со казни кои беа налудничави, сакаа да ја уништат Суперлигата, ама не успеаа – Реал, Барса и Јувентус продолжија“, додава Перез.

Според првиот човек на „кралевите“ Суперлигата останува како идеја и таа идеја е легална, а не криминална како што сака да се претстави на широките надорни маси.

Се вчитува...