Суспензија: Нема пари, нема кошарка во Куманово

Нова фарса се случи денеска во мак-баскетот, откако екипата на Куманово поради суспензија од МКФ без борба го загуби денешниот натпревар против Кожув. Домашниот тим преку својата официјална фејсбук-страница објави дека службено го добива овој натпревар без воопшто да излезе на терен.

Причините за ваквиот развој на настаните се добро познати – финансиските проблеми на кумановци поради кои не беше исплатена ниту првата рата од долгот кон МКФ, по што следеше и суспензија на поранешниот вицепрвак од страна на куќата на кошарката. На последниот состанок на Здружението на прволигаши беше договорено сите прволигаши долговите да ги подмират на четири рати, а краен рок за првата рата беше 30 април.

Куманово не исплати четвртина од сумата што ја должи, по што следеше суспензија и службен пораз од Кожув. Финансиската криза во Куманово тлее цела сезона, на кошаркарите и на стручниот штаб им се должат по неколку плати, а со ваквиот развој на настаните на „сино-белите“ им се заканува и преселба во понизок ранг на натпреварување. Имено, поради згуснатиот распоред тие веќе в сабота треба да играат нов натпревар, на домашен терен против Блокотехна. Ова значи дека доколку до утре не биде подмирен долгот кон МКФ, суспензијата ќе остане на сила, а вториот службен пораз би значел и автоматска преселба во понизок ранг на натпреварување.

Се вчитува...