Табели во ЛШ: Вардар оди по триумф за бегство од Веспрем

Ракометарите на Вардар денеска добија службени три бода во Лигата на Шампионите, два од гостувањето против Фленсбург и едно од дуелот со ПСЖ, со што „црвено-црните“ и дефинитивно побегнаа од последното место во групата кое носи и осминафинален дуел со суперфаворитот Барселона.

„Вардарци“ се најмалку претпоследни во својата група со девет бода, но имаат само еден бод помалку од Порто, кој веќе објави дека нема да ги одигра преостанатите средби од групата поради трагичната несреќа на голманот Алфредо Квинтана што резултираше со смрт на голманот на португалската репрезентација. Ова практично значи дека „вардарци“ во последното коло на домашен терен против Брест Мешков ќе бркаат победа со која би скокнале од седмото на шестото место на табелата, со што би побегнале од Веспрем како ривал во осминафиналето (Унгарците сигурно ќе бидат втори во својата група).

Според утврдените промени од ЕХФ, сите осум екипи од групите обезбедуваат пласман во осминафиналето, а доколку стигнат до шестата позиција „вардарци“ би можеле да добијат нешто полесен ривал. Тие би играле со третата екипа од групата Б, пласман за кој моментно се борат Алборг, Мотор и Кил. Данците и Украинците имаат по два бода предност во однос на „зебрите“ од Германија, но Кил до крајот има уште две лесни домашни средби со Загреб и со Целје, со што би можел да ги прескокне ривалите.

Алборг до крајот на групната фаза го очекува меч на домашен терен против Загреб, додека Мотор е пред невозможна мисија на гостувањето против Барселона, единствениот тим со перфектен ефект во досегашниот дел од Лигата на Шампионите.

Се вчитува...