Тага во Малага: Пред пет години на чекор од полуфинале во ЛШ, а сега испаднаа од Примера!

Малага умира, но чесно… Во синоќешниот меч на гостувањето во Валенсија, Малага загуби со 1-0 од Леванте со гол во 93. минута од средбата. На Леванте бодовите исто така му беа неопходни за опстанок, па неизбежна радост во тимот во чии редови настапува и македонскиот репрезентативец Енис Барди… Но, од друга страна, солзи во очите на фудбалерите на Малага кои со тој гол и дефинитивно испаѓаат од Примера дивизија.

Па така, само пет години по четвртфиналето во Лигата на шампионите, клубот кој десет последни сезони играше во Примера сега доживеа тежок крај. Од момците кои пред пет години беа во таа славна генерација сега е само Чилеанецот Мануел Итура. А во таа 2012/2013 сезона дресот на Малага го носеа асови како Савиола, Баптиста, Иско, Роке Санта Круз, Карлос Камени, Демикелис, Жоакин… Таа е екипата која го освои и првото место во групата од ЛШ во конкуренција на далеку помоќните Милан, Зенит, Андерлехт. Таа е екипата која потоа го елиминираше Порто во осминафиналето без примен гол (2-0,1-0) и потоа дојде она феноменално четвртфинале со Борусија Дортмунд. По 0-0 во Малага, Шпанците водеа на „Вестфален“ со 1-2, за да Ројс и Сантана режираат пресврт во судиското продолжение со голови во 91. и во 93. минута за елиминација на Малага.

И, се до оваа сезона Малага се држеше во златната средина во Примера, но заминаа некои проверени фудбалери како Рамирез, Камачо…, адекватни замени не беа донесени. По четвртфиналето во ЛШ тргна веднаш и пропаста, поради финансиска криза клубот беше казнет со исфрлање од Европа, а сега следи и преселбата во Сегунда.

Се вчитува...