ТАЈМАУТ: Двајца се караат, никој не добива – кошарката губи

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Не мина ден на кошаркарската сцена, а да не сме сведоци на препукување меѓу раководството на МЗТ Скопје и челниците на КФСМ. Едните бараат титула, другите не им ја даваат. Вторите им порачуваат титула се добива на терен, овие првите велат ајде тогаш да играме…. па повторно молк… до следниот ден и новите соопштенија и препукувања од кои како победник не може да излезе никој, а губитник е – кошарката.

Затоа што овој спорт ионака не може да крене глава од проблеми, од „лични одлуки за сопствени математики“ на претходниците на Антиќ, тренд што го задржа и актуелниот претседател. А секое ново препукување на „куќата на кошарката“ и тимот што е актуелен шампион е јасен знак дека работите во блиска иднина нема да тргнат на подобро, доколку и едните и другите не се свестат.

Проблемот е добро познат, пресметките што водечките луѓе на КФСМ повеќе од дваесетина дена ги водат со МЗТ Скопје, клуб што моментно е лидер на табелата и бара титула во случај сезоната да биде прогласена за предвреме завршена. КФСМ веќе имаше еден предлог, за прогласување на крај без да биде именуван шампион, но истата не беше „аминувана“ од страна на Управниот Одбор. Ниту за првиот став на клубовите, кои беа едногласни само за прекин на сезоната (не и за прашањето на шампион), ниту пак за гласањето на УО не се знае ништо конкретно бидејќи конкретните разговори останаа тајна за јавноста, но сами по себе говореа за конфликтот што владее на домашната кошаркарска сцена.

Се прејде на „План Б“, нови состаноци со прволигашите, но повторно без мнозинство, со четири гласа „без шампион“ наспроти три „МЗТ првак“ и три неутрални клубови. Од федерацијата најавија дека во најскоро време овој предлог ќе се најде пред Управниот Одбор, но оттаму засега е молк, а тензијата кај МЗТ Скопје се повеќе расте, изразена со секојдневни соопштнија и критики на адреса на куќата на кошарката.

„Металците“ уште повеќе ја искомпликуваа ситуацијата со последниот предлог – првенството да се доигра – како одговор на коментарите на Антиќ дека шампионот треба да биде решен на терен. „Сино-белите“ бараат и за овој предлог да се дискутира на следната седница на УО, создавајќи дополнителни проблеми за останатите клубови кои ги распуштија екипите, но и за федерацијата за која финиширање на сезоната е последно нешто за кое е подготвена да дискутира.

Проблемот е јасен – преземањето на одговорност, нешто од што Перо Антиќ бега, но како претседател досега требаше да му стане јасно дека ќе мора да носи одлуки, од кои ќе има и задоволни и незадоволни, а зад кои тој како прв човек на КФСМ ќе стои цврсто и ќе сноси одговорност.

Едно е сигурно, дилемите мора да бидат отстранети што поскоро, зашто од овие препукувања на релација клуб – федерација не произлегува ништо добро. Напротив, само се повеќе губи на ионака нарушениот имиџ на овој спорт. Затоа што кошарката мора да им биде над егото, ама ако тоа не им стана јасно досега, како ли да им се објасни да го научат.

Се вчитува...