ТАЈМАУТ: Јадранско фијаско – смешна одбрана, многу промени и промашен концепт

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

МЗТ Скопје заврши уште една сезона во АБА-лигата, убедливо најслаба во историјата за актуелниот македонски првак кој во бројни ситуации беше посрамотен на терените ширум поранешна Југославија. Крајниот епилог е очаен, три победи и дури 19 порази, за трет најслаб скор на некој тим во АБА-лигата во последните десет години. Послаб од „металците“ беше само Левски во сезоната 2014/2015, кога бугарскиот тим поради финансиски проблеми настапуваше со млади играчи и имаше скор 2-24, како и словенечки Златорог Лашко, кој имаше идентичен број на победи и порази во сезоната 2011/2012.

Промашен концепт и бројни промени кои не донесоа ништо добро, тоа е главната причина за овосезонското јадранско фијаско на аеродромци. А за потсетување, приказната почна одлично, со победа на домашен терен над Партизан (92-89), во која во главна улога беа домашните асови, Бојан Трајковски и Дамјан Стојановски. Сепак, еуфоријата кратко траеше, a серијата порази донесе и коренити промени – си заминаа дел од играчите, потоа и тренерот Тодоров, па имаше и случаи како Мавра, кои дојдоа среде сезона, па неколку месеци подоцна се пакуваа за веднаш да и заминат.

Најдобар доказ за тоа е фактот дека од 12-те играчи кои беа во тимот против Партизан, на последниот меч со Морнар „металците“ имаа само четири (Лалиќ, Маслинко, Пенов и Дамјан Стојановски). Бојан Трајковски не настапи во Црна Гора поради повреда, Марко Симоновски го пропушти стартот на сезоната од иста причина, што би се рекло МЗТ Скопје реновираше половина тим – за една победа во дванаесет натпревари под водство на Лукајиќ (Кочов седеше на клупата во Бар, но принудно поради семејни причини на српскиот шеф на стручниот штаб).

Бројките се поразителни – а факт е дека главна причина за дебаклот е – очајната одбрана. МЗТ Скопје во просек примаше по 92,18 поени по натпревар, „сино-белите“ се единствениот тим со над 2.000 примени поени во АБА сезонава (2028), а претпоследниот во оваа категорија е Партизан со 1.893, зад Цибона со 1.890. Во меѓувреме, опадна и бројот на постигнати поени (вкупно 1.659), па македонскиот првак е последен и во оваа категорија, со просек од 75,4 по натпревар (претпоследната Олимпија постигнуваше 79 по натпревар).

Публиката знае да цени резултат, но и залагање, а и тоа го имаше се помалку во игрите на „металците“, па така и салата каде се создаде одлична атмосфера со Партизан стануваше се попразна и попразна со секој нареден натпревар. Среде сезона се вратија и „Фемили Аеродром“, но и најверните навивачи на трибината се во далеку помал број од оној во кој сме навикнале да ги гледаме… или пак и самите тие загубија верба во потенцијалот на своите миленици.

Кога се ќе се собере и одземе, ова беше сезона за заборав, а сега на управата е конечно да пресече и да почне еден концепт во кој ќе верува и кој ќе го издржи без оглед на моментните резултати. Затоа што и сезонава почна со приказна за „македонски МЗТ“, но меѓу првите кои си заминаа беа токму младите домашни играчи кои требаше да растат и да се развиваат како членови на „штрковите“ од Аеродром. Освојувањето на трофеи веќе стана навика во Аеродром, но подготвени ли се во МЗТ за уште поголемиот предизвик – создавањето на играчи, проблем што е рак-рана за сите македонски клубови во последните десетина години. Точно е, не е лесно, но доколку гласно се нагласи како приоритет, а младите кошаркари навистина добиваат шанса и оставаат срце на терен, тогаш и поразите нема толку да болат.

А и сигурно нема да бидат толку срамни како оние 104-62 од Будуќност, 55-96 од Олимпија, 106-77 од Мега…

Се вчитува...