ТАЈМАУТ: Неуспешни експерименти

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Еуро Никел и МЗТ Скопје се екипите кои ќе водат битка за трофејот во кошаркарскиот плејоф, сосема заслужено откако и кавадарчани и аеродромци во полуфиналните пресметки со „метли“ ги „спакуваа“ Работнички и Пелистер. И „центарци“ и битолчани имаат за што да жалат бидејќи со големи надежи влегоа во плејофот, сонувајќи за финале и титула, но со наведнати глави во Гевгелија и во Скопје ја завршија оваа корона-сезона.

Работнички се соочи со добро познатиот проблем – немаше тренер за високи дострели, иако на моменти имаше и по двајца стратези крај теренот.

„Пациентот“ беше толку „болен“, што ниту „докторот“ не можеше да му помогне. Марин Докузовски почна како вистински директор од трибините, па се спушти во првиот ред над клупата на „центарци“, за завршните натпревари да ги мине крај својот „пулен“, Димитар Мираковски. Рака на срце, идејата не беше лоша, Мираковски со години доминираше на терените, последната сезона од играчката кариера го учеше тренерскиот занает од Докузовски, но кога конечно доби шанса – ја УПРОПАСТИ.

Тој е најдобар пример дека да се биде тренер не значи само да се знае кошарка и тактика, оваа професија ја сочинуваат и илјадници ситни детали кои за Мираковски очигледно останаа „мисловна именка“, а цената ја плати – Работнички. Останаа доследни да не го сменат, па не само што не освоија трофеј, туку не стигнаа ниту до финалето, елиминирани од тим што има двојно помал буџет од нив.

Некој би рекол – е сега мора да добие отказ, но ова е Работнички, нема да е изненадување ако се смени целиот играчки ростер, само директорот и тренерот да останат исти. А Мите пак ќе остане горд што новинарите не го смениле, без да увиди дека човек со реноме каков што тој го имаше како играч треба самиот да „крене рака“, да ја преземе одговорноста и да си поднесе оставка.

Пелистер пак е сосема поинаква приказна бидејќи битолчани немаа никаков тренерски проблем, се додека управата и претседателката не измислија дека постои такво нешто, па решија во „пет до дванаесет“ да извадат српски стратег „од нафталин“ и да си ја упропастат сезоната.

„Зелено-белите“ беа доминантна сила во лигашкиот дел, даваа над 100 поени на повеќе од половина од натпреварите, играчки добро покриени, пред се благодарение на одличната селекција на тренерот Марјан Илиевски, но и фанатичниот тимски дух што растеше како што минуваше сезоната. Коронавирусот го исфрли Марјан Илиевски од ритам, но беше пронајден „план Б“ – тимот да го води неговиот асистент Дејан Илиевски со редовни консултации од шефот на стручниот штаб.

И ова вроди со плод, на седумте средби со ваква тренерска формула Пелистер имаше шест победи и еден пораз (од МЗТ со тројката во самиот финиш на Бакоч), се додека битолчани решија дека тоа не е доволно. Тотално неискусно, не разбирајќи дека новиот тренер можеби ќе донесе поголема стручност од актуелниот помошник (што не се ни случи, бидејќи тотално го утнаа со изборот на Видиќ), туку и ќе ја наруши тимската хемија што овој стручен штаб со месеци ја градеше.

Плејофот не е време за експерименти, бидејќи со овој несериозен потег не само што се урна се што се сработи сезонава, туку и се покажа дека Пелистер има добар тим, но е предалеку да стане сериозен клуб, без оглед на импресивните резултати на теренот. Ентузијазмот беше поголем од разумот кај амбициозната претседателка, која изгоре во еуфоријата, решавајќи се за експеримент што се покажа како тотално промашување.

Велат, треба да се учи од грешките, по можност од туѓите, но исто така и од своите. На потег се Работнички и Пелистер, истите да не ги повторат наредната сезона. Оваа „експерименталната“ дефинитивно е завршена за нив.

Се вчитува...