Така се станува шампион – Баерн ја преслуша Борусија среде Дортмунд

Баерн Минхен направи џиновски чекор напред кон нова титула во Бундес-лигата, откако избраниците на тренерот Флик славеа на големото дерби против Борусија Дортмунд со 0-1. Баварскиот гигант покажа шампионски карактер, одигра беспрекорно на гостувањето против дирекниот ривал за титулата и со големата победа стигна до „плус седум“ во однос на „милионерите“.

Ситуацијата можеше да биде сосема поинаква ако Халанд ја искористеше првата шанса, по само триесетина секунди игра, кога Боатенг од самата гол-линија спречи водство на домаќините. Нешто подоцна слична шанса имаше и Баерн преку Гнабри, но еден од домашните дефанзивци ја отстрани опасноста откако Бурки беше совладан. Клучен момент на дербито беше 43. минута, кога Џошуа Кимих со прекрасен удар од дваесетина метри го лобуваше домашниот голман, за водство на Баерн.

Тренерот Фавр на самиот почеток од вториот дел ги уфрли Емре Џан и Санчо, но гостите не им дозволија на „милионерите“ да влезат во својот препознатлив ритам. Проблемите за Борусија уште повеќе се зголемија откако Халанд се повреди на половина од второто полувреме и мораше да биде заменет со 17-годишниот Реина. Најубавата шанса за израмнување Борусија ја имаше во 80. минута, кога Дахуд шутираше силно од работ на шеснаесетникот, но Нојер со рефлексна интервенција спречи топката да заврши во неговата мрежа.

„Милионерите“ имаа многу среќа три минути подоцна, кога Левандовски шутираше опасно од дваесетина метри, но неговиот удар заврши само во дирекот од голот на Бурки.

 

Се вчитува...