Такво време дојде, Гостивар да навива за МЗТ Скопје

Денеска истекува последниот рок за пријавување на екипите за влез во АБА2-лигата за наредната сезона, за која во мак-баскетот изненадувачки постои далеку поголем интерес отколку во претходните години. МЗТ Скопје со години наназад беше единствен македонски претставник во регионалното натпреварување, но сега интерес да бидат дел од АБА-семејството, макар и она второлигашкото покажаа и Работнички и Гостивар.

„Центарци“ се пофалија и дека испратиле писмо со намери дека сакаат да бидат дел од АБА2 и им останува само уште апликацијата, додека Гостивар за да добие место во ова „избрано друштво“ мора да „навива“ за МЗТ Скопје. Имено, АБА-лигата на последното собрание објави дека Македонија ќе има две места во АБА2, што во случајов би му припаднале на МЗТ Скопје и на Работнички.

Сепак, добро позната е намерата на „металците“ да се преселат во АБА1 на местото на Приморска, со што би се отворило уште едно место за македонска екипа во второто по квалитет регионално натпреварување. Во една таква ситуација, тимот на Марјан Србиновски своите надежи ги насочува токму кон МЗТ, бидејќи со преселбата на актуелиот првак во елитата би се отворило второ место за македонски тим во АБА2.

Раководството на АБА-лигата најавува и доделување на вајлд-карти, но за истата во АБА2 ќе треба да се платат 50.000 евра, што реално е превисока сума за гостиварци да ја издвојат за претстојната сезона, само за учество во натпреварувањето.

Се вчитува...