Талески: Мораме да го покажеме вистинското светло против Веспрем

Ракометарите на Вардар утре на домашен терен ќе го пречекаат Веспрем во првиот натпревар од осминафиналниот двомеч во Лигата на шампионите. Бекот на „црвено-црните“, Филип Талески вели дека на овој меч тие мора да го покажат своето вистинско светло.

„Дуелот со Веспрем за нас е многу важен. Ги познаваме добро. Игравме на стартот на сезоната во СЕХА лигата и не одигравме како што знаеме. Сепак, беше почеток на сезона многу нови играчи и мислам дека сега е поинаку по осум, девет месеци работа на оваа екипа. Треба да им се реваншираме. Играат многу цврста и силна одбрана и затоа ќе мораме максимално и фокусирано да ги решаваме сите ситуации во напад што ќе ни се нудат. Мораме да одиграме силно во одбраната и ако играме како што знаеме одбрана со неколку брзи гола во транзиција можеме да ги загрозиме. Имавме тежок период, но фокусирани сме на мечот бидејќи немавме можност да го покажеме вистинското светло поради целата криза со коронавирусот“, вели Талески. 

Натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје ќе се игра утре со почеток во 18:45 часот.

Се вчитува...