Талески: Оваа Македонија го нема покажано своето најдобро

Со триумфот над Данска во Скопје, македонската ракометна репрезентација направи сензација против светскиот и олимписки шампион, и успеа да се пласира на престојното Европско првенство.

Еден од најзапазените играчи во нашиот состав вчеравечер беше Филип Талески кој со „пет од пет“ беше еден од предводниците на „црвено-жолтите“. Пред единствениот тренинг на избраниците на Лазаров пред мечот во Алборг, Талески не го криеше задоволството од одличниот натпревар, а како што вели ракометарот на Вардар, критиките кои ги доби во минатото биле само дополнитела мотивација.

„Секоја критика е добредојдена, мислам дека треба да ја сфатиме добронамерно. Некои работи се кажуваат во жар, во еуфорија. До мене доаѓаат и погрдни коментари, ама ги разбирам, знам како се чувствуваат и знам како е од навивачки аспект, како и желбата која сакаат да ја видат на терен од нас. Со Данска покажавме дека знаеме, можеме и дека оваа Македонија го нема кажано своето најдобро. Пред нас претстои многу работа и мора да го слушаме нашиот нов селектор Кирил Лазаров, кој секоја тактика што ја спреми, испадна паметна. Мора да ги спроведуваме неговите совети со секој противник, па сметам дека на секој меч работите ќе бидат позитивни“ – изајви Талески.

Подмладената Македонија натпреварот против светскиот првак го започна со млад состав, кој одговори на предизвикот…

„Пред почетокот на натпреварот Лазаров ни кажа да уживаме, затоа што играме со светски првак. Влеговме на терен опуштени, подготвени да се надигруваме со данските ѕвезди. Ја добивме довербата од новиот селектор, ние го искористивме тоа. Сакам да потенцирам дека никогаш не ни беше дадена довербата да почнеме сите млади бекови во стартната постава. Некогаш игравме, ама никогаш не се погодивме на терен заедно во исто време. Со добрата игра му дадовме до знаење дека може да смета на нас во иднина“ – додава бекот.

Се вчитува...