Талески: Овој Вардар има и срце и душа, карактер и квалитет

Македонскиот репрезентативец Филип Талески не го криеше задоволството по одличниот настап на Вардар и триумфот над Фленсбург, прва радост за „црвено-црните“ во Лигата на Шампионите сезонава. Германците допатуваа со улога на фаворити, како лидери на табелата, но Вардар како и многупати во изминатите години покажа извонреден карактер на домашен терен и заслужено стигна до победата.

„Бевме малку во грч на самиот почеток поради долгата пауза без натпревар, но набрзина се консолидиравме и влеговме во ритам. Задоволни сме од победата, но и од изданието, прикажавме одличен карактер. Мило ми е што на сите им докажавме дека она што го красеше Вардар во минатото се уште е тука, овој тим има и срце и душа, карактер и квалитет, тоа беше пресудно за нашиот триумф над Фленсбург. Тимскиот дух и борбата буквално за секоја топка пресудија за на крајот да се радуваме. Тактички гледано, мислам дека пресуди нашата одбрана бидејќи го исфрливме од ритам противникот, воедно и постигнавме лесни голови на спротивната страна“, истакнува Талески за ЕКИПА.

Левиот бек посакува наскоро да почне да гледа и публика на трибините на СЦ „Јане Сандански“, како дополнителна поддршка за црвено-црните ракометари.

„Многу ни значи што тврдината „Јане Сандански“ остана неосвоива и на првиот натпревар од новата сезона, како порака за сите ривали во иднина. Чудно беше да се игра пред празни трибини во оваа сала, искрено се надевам дека од натпревар во натпревар ќе ни биде дозволено и присуство на навивачи бидејќи тоа ќе ни биде од огромна помош за да стигнеме до што подобри резултати“, вели македонскиот „бомбардер“.

Талески постигна два гола при овој триумф, пред крајот на првото полувреме, кога Вардар го кршеше резултатот во своја полза.

„Тренерот Алушовски ми најави дека ќе ми даде шанса на овој меч, бев максимално мотивиран и дадов се од себе за да му помогнам на тимот. Дадов два гола, жал ми е што промашив три зицери, но верувам дека формата ми се движи во нагорна линија и дека допрва ќе прикажувам уште подобри партии“, оптимистички е расположен Филип Талески.

Се вчитува...