Талески посакува нова квалитетна партија: Многу напредував преку советите на Лазаров и на Шмид

Филип Талески посакува уште една негова одлична партија против Исланд во квалификациите за ЕП 2020. По едно од најдобрите изданија во репрезентативниот дрес, левиот бек вели дека со позитивната енергија која ја пренел селекторот Брестовац верува во нов натпревар под исто темпо и нова победа против Исланѓаните.

„Се надевам дека со новиот селектор кој донесе позитивна енергија и плус мотив, ќе продолжиме со исто темпо. Знаеме да играме ракомет, покажавме со селекцијата за Исланд која 13 години немаше пораз на домашен терен. Но, не застануваме само на тоа. Сакаме победа вечерва и во Скопје. Селекторот на Исланд одлучи да донесе нови голмани, кои се млади, а ние не ги знаеме. Ќе треба максимално да сме фокусирани на секој шут во напад. Не смееме да се опуштиме, бидејќи ако некого не познаваш, а се опуштиш, на крајот може многу да те чини“ – вели Талески пред денешната пресметка.

Бекот на германски Рајн Некар Левен вели дека неговиот напредок во играта е пред се и поради советите од капитенот Кирил Лазаров, но и од соиграчот во РНЛ, Швајцарецот Енди Шмид…

„Повеќе имам научено од нашиот капитен, со кој во репрезентација сме постојано заедно. Но, исто така имам доста научено и од мојот колега во клубот. Секој совет што ќе ми го даде капитенот и поискусните репрезентативци за мене е добредојден. Но, верувам дека моите најдобри партии во репрезентацијата допрва следат“ – истакнува Талески.  

Мечот меѓу Македонија и Исланд од 4. коло во квалификациите за ЕП 2020 се игра вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, со почеток од 20 часот.

Се вчитува...