Македонските ракометари ги продолжуваат подготовките за бараж-двомечот со Романија, од кој првиот дуел ќе го играме в четврток во Скопје, а реваншот е закажан за само два дена подоцна во Букурешт.
Селекторот Лазаров од синоќа на располагање ги има сите ракометари, за во наредните тренинзи да се одработат и последните детали за поставување на победничка тактика против Романците. Едно е сигурно, Македонија ќе биде значително засилена од играчки аспект во однос на ЕП 2022 во Дебрецин, Кире Лазаров е подготвен и за настап на теренот, а во составот ќе биде и Стоилов, кој поради коронавирус настапи на само еден натпревар на европскиот шампионат.
„Нема да биде исто како на ЕП во Унгарија, сега во тимот ќе го имаме Кире Лазаров, потоа Стоилов, Никола Маркоски… Во Дебрецин ни се случи тој пех со повредата на Кире на последниот тренинг, сега се е во најдобар ред, максимално сме подготвени. Верувам дека имаме квалитетен состав, но тоа мораме да го докажеме и на терен. Романија е познат противник, и минатиот пат кога се сретнавме со нив селектор им беше Чави Пасквал, кој потоа си замина, па сега пак се врати. Знаеме дека тоа е квалитетен стратег, почнавме со анализите на противникот и верувам дека максимално подготвени ќе влеземе во мечот“, изјави Филип Талески.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА