Талески скромен: Најважно е тимот да победува, а не кој дал најмногу голови…

ЕКИПА во Букурешт,

Стеван Цаневски

Филип Талески беше клучна фигура во големиот триумф над Романија, десет пати успевајќи да ги матира противничките голмани. По мечот, Талески триумфот им го посвети на навивачите, чија поддршка беше драгоцена во текот на сите 60 минути.

Натпреварот беше навистина посебен за сите нас, по подолго време и навивачите се вратија на трибините, така што беше уживање да се игра во полна сала. Знаеме дека Македонија ја краси одлична публика и тоа се потврди и на тој вчерашен меч со Романија. Тактички одигравме речиси се од она што бевме договорени, нормално дека имаше одредени грешки, но секој од играчите си ја исполни задачата. Знаевме што да очекуваме, селекторот не предупреди и ни кажа дека е важно добро да отвориме, но и дека мечот ќе го добиеме од 45. до 60. Минута, што навистина и се случи“, истакна Талески.

Тој е свесен дека утрешниот реванш нема да биде нималку лесен, а секое евентуално опуштање би можело да биде казнето од противникот.

Среќни сме, но работата не е завршена. Знаеме дека утре во Букурешт пред нас е многу потежок меч од оној во Скопје. Не треба да одиме да ја браниме предноста, туку да победиме. Романците ќе одат на се или ништо, да направат големо изненадување, но ние не треба да потклекнеме, туку она што ќе го договориме да го оствариме на терен. Мислам дека можеби ќе се обидат да изненадат со некоја друга одбранбена зона, можеби со фластер на Кире Лазаров, но во нападот не гледам како би изненадиле, бидејќи тоа се акциите што ги играа, што ги анализиравме и ги видовме и на првиот натпревар во Скопје“, вели Филип Талески.

Талески го одигра најдобриот натпревар во репрезентативнат кариера, но асот на Вардар останува скромен како и секогаш, ставајќи го успехот на колективот пред индивидуалните достигнувања.

„За мене секогаш важело дека тимот е тој што победува, не е важно кој дал најмногу голови, кој во моментот бил најдобар или најлош, се гледа да се радуваме на крајот“, порачува Талески.

Се вчитува...