Талески: Вардар е клуб од кремот на Европа, но ништо немам потпишано

Македонскиот репрезентативец Филип Талески е се поблиску до потпис со Вардар, откако преговорите меѓу „црвено-црните“ и поранешниот капитен на Металург се интензивираа во последно време. Тој има уште неколку понуди на маса, една од нив е од Пелистер, но Талески многу сериозно ја разгледува можноста за преселба во таборот на „црвено-црните“.

„Познато е дека преговараме, тоа се случува веќе извесно време, но она што сакам да е јасно е дека се уште се немам договорено со никого, ниту пак потпишано договор со некој клуб. Тука е Вардар, тука се други клубови, како од Германија, имам и понуда од Франција. Размислувам за она што е најдобро за мојата кариера и очекувам одлуката да ја донесам до крајот на месецот“, истакнува Талески за ЕКИПА.

Тренерот на Вардар, Стевче Алушовски, неодамна истакна како му е неразбирливо играчи како Талески и Кузмановски да одат да бидат резерви во други лиги, кога можат да блескаат на домашната сцена. Екс-ракометарот на Рајн-Некар Левен даде одговор и на оваа изјава на поранешниот македонски репрезентативец.

„Пред се, ми годи што тренер и ракометен ас како Алушовски сака да ме доведе во својот тим. Јас го почитувам како стратег, се согласувам и со констатацијата дека нема ништо подобро од тоа да се игра на високо ниво во својата татковина. Имам убави спомени од мак-ракометот од настапите со Металург, така што би знаел што ме очекува кога би се вратил во Македонија. Она што можам да го кажам дека Вардар е клуб од кремот на Европа, со две титули во ЛШ и сигурно е престиж да се биде дел од оваа екипа. Сепак, се уште немам донесено одлука, ниту потпишано договор со Вардар, ниту пак со некој друг клуб“, вели Талески, кој е слободен играч по истекот на договорот со Балинген.

Се вчитува...