Таневски е нов селектор на репрезентацијата до 21 година

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница донесе одлука Александар Таневски да биде назначен за нов селектор на македонската репрезентација до 21 година, на местото на Горан Станиќ, кој досега ги предвидеше младите фудбалери.

Таневски доаѓа од работата со младинските селекции на ФФМ и селекцијата до 20 години, одлично ја познава генерацијата фудбалери која треба да биде основа на новиот состав до 21 година. На последните два натпревари од актуелниот квалификациски циклус, новиот селектор ќе има можност да работи со дел од помладите фудбалери и постепено да го гради тимот за следниот квалификациски циклус.

Целта е создавање конкурентна репрезентација која ќе бележи подобри резултати, но истовремено ќе придонесува и во создавањето и развојот на фудбалери за А репрезентацијата на Македонија.

Александар Таневски во тренерската кариера има водено вкупно 196 официјални натпревари како шеф на стручен штаб во Првата и Втората македонска фудбалска лига. Тренерската кариера ја започна во ФК Скопје, обезбедувајќи промоција во највисок ранг, а истиот успех го повтори со ФК Македонија ЃП, тим со кој играше финале на Купот на Македонија и обезбеди место во Европските купови. Работеше во Академија Пандев, а последниот клупски ангажман го имаше во ФК Беса.

Се вчитува...