Македонија ЃП го совлада Шкупи со 1-0 во 33. коло во Првата македонска фудбалска лига, освојувајќи три важни бода во борбата за опстанок во домашниот шампионат. Тренерот на тимот од Ѓорче Петров, Александар Таневски е задоволен од играта, велејќи дека неговите фудбалери се најдобри кога се под притисок.
„Тежок, пред се психолошки натпревар против одличен противник. Моите момци покажаа дека кога се под притисок играат најдобро. Презадоволен сум од играта, бидејќи бевме подобар противник исто како и на мечот со Ренова. Освоивме важни три бода во борбата за опстанок и се надевам дека со добра игра и максимална ангажираност до крајот ќе успееме да обезбедиме опстанок во елитното домашно натпреварување“, изјави Таневски.
До крајот на првенството остануваат уште три кола, а следен предизвик на тимот од Ѓорче Петров е Работнички, кој се наоѓа во резултатска криза, бидејќи на последните пет натпревари има четири порази и едно реми.
„Иако се во резултатска криза, сите знаеме кој е Работнички. Тие се одличен тим и нема да биде нималку лесно да се стигне до бодови. Сепак моите фудбалери покажаа карактер и знам дека и на овој меч ќе дадат се од себе да стигнат до бодови кои ќе значат опстанок“, дополнува Таневски.
Мечот против Работнички ќе се игра на арената „Тоше Проески“ која ќе биде домаќин и на финалето во купот во кое Македонија ЃП се среќава со Академија Пандев.
„Натпреварот се игра на арената „Тоше Проески“ и тоа за нас ќе биде генерална проба, пред финалето на купот против Академија Пандев. Сепак и покрај тоа што се ближи финалето на купот, јас никогаш не калкулирам бидејќи мојот тим има карактер и секогаш оди на победа, без разлика кој е противник и без разлика на тоа што не очекува до крајот на сезоната“, заврши Таневски.
34. коло во ПМФЛ на програмата е в недела, а покрај натпреварот меѓу Работнички и Македонија ЃП, се среќаваат и Победа – Шкендија, Силекс – Вардар, Ренова – Академија Пандев и Шкупи – Беласица. Сите мечеви се со почеток од 16.30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА