Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година одигра 1:1 против Црна Гора во Битола во меч од квалификациите за Европското првенство, а селекторот Александар Таневски смета дека неговите избраници со играта во второто полувреме заслужиле и повеќе од еден бод.
„Од резултатот не сум задоволен, можеби во второто полувреме заслуживме победа. Првото полувреме го одигравме во грч и неочекувано примивме гол во еден многу лош момент за нас. Но, успеавме да се консолидираме, игравме поживо и поборбено и на крај дури можевме да извојуваме победа. Игравме против селекција која вреди над 30 милиони евра, што е осум или девет пати повеќе од вредноста на нашиот тим. Сега селектираме за наредниот циклус, затоа и претходно против Русија шанса им дадов на фудбалери родени 2009 година“, изјави Таневски.
Според селекторот оваа генерација има потенцијал, а дел од младите репрезентативци во иднина можат да одговорат и на предизвиците во сениорската репрезентација.
„Искрено, не би издвоил ниту еден поединец. Во второто полувреме игравме како тим и токму тоа им го посочив на фудбалерите уште на првиот собир, треба да играме како тим, еден за сите, сите за еден. Сакам да продолжиме како што одигравме денес во второто полувреме. Видовме и самите дека поседуваме добар квалитет во оваа генерација и некои фудбалери можат да одговорат на задачите во А-селекцијата. Ние сме како сервис на сениорскиот тим и се надевам дека ќе можеме да му помогнеме на селекторот Седлоски, кому му посакувам против Шкотска позитивен резултат“, заклучи Таневски.
Следниот предизвик за младите фудбалери е дуелот со Шведска на гости.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
