Кошаркарите на МЗТ Скопје почнаа перфектно на домашната сцена, но кај сите во таборот на аеродромци постои огромна желба за успех и на европската сцена, каде „сино-белите“ се враќаат по десетгодишна пауза.
Европската премиера на домашен терен со Ираклис заврши со несреќен пораз, но „сино-белите“ се решени да одговорат на вистински начин на денешниот втор натпревар, на кој играат пред своите гледачи, овојпат против Тарту од Естонија. Станува збор за ривал што барем на хартија важи за еден од најслабите во групата, Естонците на првиот меч на домашен терен беа декласирани од Варшава со 74-103, јасен предзнак дека МЗТ со добро издание може да стигне до европска победа.
„Пред нас е тежок меч. Треба да бидеме цврсти и да влеземе со огромна енергија во одбраната. Доколку сме на нашето ниво низ целиот дуел, очекувам позитивен резултат на крајот. Секако со поддршка од нашите верни навивачи, чија помош ни значи навистина многу“, истакна Војдан Стојановски во пресрет на денешниот дуел.
Натпреварот меѓу МЗТ Скопје и Тарту почнува во 18.30 часот во СЦ „Јане Сандански“ во скопски Аеродром.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
