ТРЕНЕР НА ПОЛУСЕЗОНАТА – Жикица Тасевски: Фудбалерите се главните „виновници“ за одличната полусезона на Македонија ЃП

Македонија Ѓорче Петров одигра одлична полусезона во домашниот фудбал. Иако малкумина пред стартот на сезоната го очекуваа тоа, по есенскиот дел „лавовите“ се на делба на втората позиција во ПМФЛ, а успеаја да стигнат и до полуфиналето во националниот куп.

Сето тоа предводено од еден од најдобрите стратези на македонската фудбалска сцена, Жикица Тасевски, кој иако ја одбележа полусезоната на прволигашката сцена, вели дека најголеми „виновници“ за одличните резултати се играчите.

„Генерално сум задоволен од првиот дел од сезоната. Одигравме одлично, а се разбира за тоа најзаслужни се моите фудбалери. Иако завршивме на делба на второто место во есенскиот дел, мислам дека можевме да освоиме барем уште пет или шест бода. Благодарам и до управата која навистина ни даде одлични услови за работа во овој дел од сезоната“, вели Тасевски, кој е тренер на полусезоната во изборот на ЕКИПА.

Македонија ЃП до 6. јануари е на распуст, а потоа веќе почнуваат подготовките за најважниот дел од сезоната.

„До 5. јануари одмораме, а потоа почнуваме со подготовки. На 6. јануари стартуваме со тренинзи во Скопје кои ќе траат две седмици. Потоа заминуваме за Антлија каде ќе помине четиринаесет дена. Низ престојот во Анталија сигурен сум дека ќе одиграме пет или шест подготвителни натпревари како би можеле да ја темпираме формата за клучниот дел од сезоната. Околу засилувања, разгледуваме неколку опции кои ќе ни помогнат да имаме подлабок ростер бидејќи не очекуваат навистина тешки и важни мечеви“, завршува Тасевски.

ПМФЛ на програмата се враќа на 14. февруари следната година, а Македонија Ѓорче Петров во првиот меч по паузата ќе и гостува на Струга Трим и Лум. Веќе се активираше и трансфер периодот па меѓу „лавовите“ од Беласица повторно ќе биде вратен Бразилецот Робсон Да Силва, а се очекува ангажман и на бразилскиот дефанзивец од Вардар, Чарлестон.

Се вчитува...