Тасовски уште една година во Гостивар

Диме Тасовски и на 39-годишна возраст не размислува за крај на кариерата, по одличниот придонес што го имаше во дресот на Гостивар минатата сезона искусниот кошаркар денеска потпиша нов едногодишен договор со овој клуб.

„Диме Тасовски. Еден од најдобрите играчи во историјата на македонската кошарка и еден од најтрофејните кошаркари реши да продолжи уште една година, последна во неговата кариера. Чест ни е што реши блескавата кариера да ја заврши во нашиот град“, објавија гостиварци на официјалната клупска страница на фејсбук.

Претходно, нови договори со Гостивар потпишаа и Александар Костоски и Ивица Димчевски, кои заедно со Тасовски се клучни домашни кошаркари во тимот предводен од Марјан Србиновски. „Сино-белите“ синоќа објавија дека во тимот останува и Малколм Армстед, Американецот кој пристигна во февруари како огромно засилување, но поради прекинот и коронавирусот не беше во можност да блесне во дресот на гостиварци.

Се вчитува...