Таткото на Меси слета во Барселона: Ништо не се знае, момци

Погледите на спортската јавност денеска се насочени кон Барселона, но не поради фудбалски настан, туку поради разговорите што претседателот Бартомеу треба да ги има со Жорге Меси. Таткото на аргентинскиот генијалец утрово во 7.40 часот слета на аеродромот во Барселона, а пред да се упати во возилото што го чекаше тој само кратко искоментира пред насобраните новинари: Ништо не се знае, момци…

И навистина, ништо не се знае, бидејќи двете страни се премногу далеку со ставовите за да може да се очекува да стигнат до разумно решение. Бартомеу не само што нема намера да се откаже од клаузулата од 700 милиони евра, туку бара Меси да потпише нов договор со важност до 2022 година, спречувајќи тој да го напушти клубот без отштета на крајот од сезонава.

Од друга страна, Аргентинецот е решен да си замине уште летово, инсистирајќи дека поместувањето на роковите на сезоната само со себе повлекува и поместување на роковите на неговиот договор. Ла Лига застана на страната на Барса објаснувајќи дека клаузулата за заминување без отштета е истечена на 10 јуни, но не се исклучува можноста Аргентинецот правдата да ја бара на суд.

Извори блиски до фудбалерот тврдат дека татко му доаѓа во обид да договори „пријателско заминување“, што би значело спуштање на сумата од 700 на околу 200 милиони евра на име отштета. Бартомеу не сака ни да чуе, со оглед на фактот дека тоа ќе значи фијаско пред претседателските избори закажани за следната седмица, па јасно е дека многу тешко ќе може да се најде заеднички јазик во овие разговори.

И сосема реална е првата изјава на Жорге Меси… Ништо не се знае, момци…

Се вчитува...