Лионел Меси во следните 24 часа и официјално ќе објави дека останува во Барселона, тврдат шпанските медиуми по вчерашниот состанок меѓу неговиот татко Жорге Меси и претседателот на каталонскиот гигант, Хозеп Бартомеу. Аргентинците синоќа први обелоденија дека Меси размислува за останување, за што денеска стигна потврда и од неговиот татко, во изјава за шпанската телевизија „Кватро“.
„Се разгледува опцијата за Лео Меси да продолжи да го носи дресот на Барселона“, кратко прокоментирал Жорге Меси, пренесуваат бројни шпански медиуми.
Дел од „алибито“ за „пресвртот“ се очекува да биде желбата на фудбалерот да има достојно простување од навивачите, со оглед на фактот дека се очекува во текот на сезоната да бидат отворени и трибините на стадионите ширум Шпанија.
Сепак, клучен е фактот дека Аргентинецот би имал само уште една година од актуелниот договор, по што следното лето ќе може без никаква отштета да си замине од „Камп Ноу“ и да добие плата од над 100 милиони евра годишно (двојно повеќе од она што го заработува во Барса), сума што во случај на слободен трансфер се подготвени да му ја платат и Манчестер Сити и ПСЖ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА