Тажен ден за кошарката: Почина еден од најдобрите стрелци во историјата

Легендарниот бразилски кошаркар Оскар Шмит, почина на 68-годишна возраст по тешко боледување. Еден од најдобрите стрелци во историјата на кошарката ја загуби битката со туморот на мозокот, болест со која се бореше 15 години.

Неговата фамилија истакна дека во целиот тој период Шмит покажувал неверојатна храброст, достоинство и сила, и остана пример за бројни генерации.

Шмит никогаш не заигра во НБА, но беше драфтуван во 1984 година од Њу Џерси Нетс. Одби договор за да може да игра за селекцијата на Бразил, со што дополнително се стекна со статус на херој.

Токму во бразилскиот дрес тој влезе во историјата, настапувајќи на пет последователни Олимписки игри (1980-1996) и станувајќи најдобар стрелец во историјата на тоа натпреварување со повеќе од 1.000 поени. Неговиот настап против САД во финалето на Панамериканските игри во 1987 година е особено запаметен, кога Бразил ги шокираше домаќините со победа од 120:115, а Шмит постигна 46 поени.

За време на неговата богата кариера, која траеше до 2003 година, тој собра неверојатни 49.737 поени за клубот и репрезентацијата, долго време држејќи го статусот на најдобар стрелец на сите времиња, сè додека Леброн Џејмс не го надмина во 2024 година.

Се вчитува...