Тажна приказна… Македонија ЃП во хумана акција за помош на свој член кој на 15 години остана без двајцата родители

Неделниот натпревар меѓу Македонија ЃП и Шкендија во Ѓорче Петров, во 2. коло од Првата македонска фудбалска лига, ќе носи и хуман карактер по акцијата која ја поведоа „лавовите“ за помош на својот член од пионерската екипа, Спасе Богоевски.

„ФК Македонија ЃП парите од билетите на мечот со Шкендија во недела ќе ги донира за членот на нашата пионерска екипа кој има потреба од финансиска помош бидејќи остана без родители и нема никакви примања за живот“ – се вели во соопштението од Македонија ЃП.

Судбината трагично си поигра со 15-годишниот Спасе Богоевски кој минатата година за само неколку месеци ги загуби двајцата родители. Извесен период живеел со роднини во Мралино, но веќе наредниот период треба да биде згрижен во Детското СОС село со оглед на тоа што никој од роднините не сака да покрене старателско право.

А Спасе, како што вели, нема никаков проблем да се пресели во Детското село иако знае дека ќе му биде тешко. Но, неговите родители го научиле да биде борец и храбро да се носи со животот. Затоа сака и да продолжи со фудбалот во редовите на Македонија ЃП.

Но, сериозен проблем за него претставува и долгот кој е оставен од неговите починати родители а кој, сакал или не сакал мора да го подмири за неплатени сметки за струја и вода кои се насобрале до висина од 3.000 евра. Токму затоа е неопходна финансиска помош за исплата на сите негови долгови и овозможување нормален живот за 15-годишното момче кое, ако ништо друго, знае дека не сака да се откаже од фудбалот!

Се вчитува...