Темелковски: Имаме континуитет и квалитетна младинска селекција

Селекторот на машката младинска репрезетација на Македонија, Илија Темелковски, пред УО на РФМ поднесе извештај за настапот во квалификациите и обезбедениот пласман на СП (У20) во Алжир.  Истакнувајќи го фактот дека за прв пат една селекција од младинските категории обезбедува континуитет во настапите на големите натпреварувања, селекторот Темелковски потенцираше дека СП во Алжир ќе биде голем предизвик за оваа репрезентација која е основната база за неопходното подмладување на сениорската селекција.

„За пласманот на младиснкото СП во Алжир пред се сакам да и честитам на РФМ што ни овозможи да бидеме домаќини на квалификацискиот турнир. Сепак, многу е подобро кога играш на домашен терен на вакви натпревари. Пласманот на СП е голем успех за оваа генерација млади ракометари, затоа што врзуваме настап на две големи натпреварувања, ЕП во Данска лани и СП во Алжир оваа година. Тоа е знак за квалитет и една голема перспектива на оваа генерација. Имаме исклучително квалитетна младинска репрезентација со веќе стекнато искуство од настапите на големи натпревари. СП во Алжир ќе биде голем предизвик за нас и верувам дека ќе се претставиме во  најдобро светло“ – истакна селекторот Илија Темелковски.

Поради селекторската смена, извештај за настапот на машката сениорска репрезентација на СП во Франција во јануари, поднесе директорот на репрезентацијата, Милчо Чакарески. Македонската репрезентација на ова СП обезбеди пласман во осминафиналето и на крајот заврши на 15.место што е оценето како добар успех.

УО на РФМ го прифати и извештајот за настапот на женската јуниорска репрезентација на Македонија во квалификациите за ЕП (У19) во Словенија. Со пласманот на младинската (У190) на ЕП во Словенија, и македонскиот женски ракомет фаќа континуитет во настапите на големите натпреварувања што е оценето како чекор напред и како што истакна Гордана Нацева:

„Ова е искра надеж за македонскиот женски ракомет, за овие млади ракометарки во кои е нашата иднина и заслужуваат максимална поддршка“

Досегашниот в.д. селектор на женската младинска репрезнетација на Македонија, Борче Марковски, со одлука на УО на РФМ останува на функцијата и ќе ја предводи репрезентацијата на ЕП(У19) во Словенија.

Се вчитува...