Темелковски: Репрезентацијата треба да е чест, нема да молиме никого

Директорот на МКФ, Владимир Темелковски, најави дека разговорите со селекторот Јорданчо Давитков ќе продолжат и во следните денови, се до наоѓање на конечен компромис. Воедно, Темелковски најави дополнително подмладување на репрезентацијата се со цел да се состави квалитетна генерација за 2021 и 2023 година.

„Федерацијата е на став дека треба да се обезбедат најдобри можни услови. Го освоивме првото место и почнавме со подмладување, очекувам тој тренд да продолжи и во наредниот циклус, бидејќи имаме зацртано освежување на играчкиот кадар и создавање на млад, перспективен и квалитетен тим за 2021 и 2023 година“ – истакна Темелковски.

Директорот се осврна и на реалниот проблем, се повеќе играчи од најразлични причини да ги одбиваат повиците за настап во репрезентативниот дрес.

„Ни се случува проблем некои играчи да чувствуваат како товар да играат за Македонија, а не тоа да биде чест и привилегија како што мислиме ние. Никого нема да молиме да играме за Македонија, тоа веќе го испративме како јасна порака бидејќи репрезентацијата мора да биде над се“ – вели директорот на МКФ.

Се вчитува...