Тен Хаг: Роналдо не е на продажба, Мегваер не мрда од „Олд Трафорд“

Сагата за заминувањето на Кристијано Роналдо од Манчестер Јунајтед се чини дека ќе добие среќен крај за навивачите на „црвените ѓаволи“ откако новиот тренер Ерик тен Хаг изјави дека португалскиот ас не е на продажба.

Според холандскиот стратег Кристијано Роналдо никогаш не се изјаснил дека сака да замине и останува клучен дел од плановите за следната сезона во која тимот ќе настапува во Лига Европа.

„Кристијано Роналдо не е на продажба. Тој е во нашите планови, но не е со нас поради лични причини. Се подготвуваме за сезона со Кристијано Роналдо и тоа е тоа. Како да го направам среќен? Не знам, но едвај чекам да започнам да работам со него. Јас зборував со него пред да избие проблемот и немавме никакви проблеми. Тој ми нема кажано дека сака да замине, тоа само се пишува. Ние сме фокусирани на успех заедно“, изјави предводникот на Јунајтед.

Покрај Кристијано Роналдо во тимот останува и Хари Мегваер. Капитенот на Манчестер Јунајтед имаше лоша сезона во која неговите играчки и лидерски способности беа доведени во прашање, но новиот стратег ќе му даде втора шанса на засилувањето од 87 милиони евра.

„Ми треба се уште време за да ги научам сите играчи, но тој се наметна како капитен и оствари голем успех. Ќе остане дел од тимот и во иднина“, додаде Тен Хаг.

Се вчитува...