Терзиќ ќе проба да го шокира Гвардиола, Клоп се надева на чудо

ПСЖ и Челси обезбедија пласман во полуфиналето од Лигата на шампионите, а вечерва ќе ги дознаеме имињата на тимовите со кои ќе се сретнат таму.

Тимот од Париз го чека исходот на дуелот во Дортмунд каде Борусија ќе биде домаќин на Манчестер Сити, кој има предност од 2-1 од првиот натпревар. Тренерот на тимот од Дортмунд, Един Терзиќ е подготвен за предизвикот што го очекува неговиот тим.

“Вербата за пласман во следната фаза е огромна, но нема да ни биде доволна само таа. Мора да покажеме дека можеме да се справиме со најголемите клубови. Ќе биде брутално тешка задача, но мора да бидеме храбри”, рече Терзиќ.

Од друга страна, Пеп Гвардиола тврди дека ќе излезе на теренот како да е прв натпревар.

“Ќе се обидеме да се држиме до нашиот план. Не е важно што се случи на првиот натпревар. Нашата цел е да играме што е можно подобро и да им покажеме дека нема да се браниме. Сакаме да победиме”, рече Гваридола.

Секако, многу повеќе внимание ќе привлече натпреварот на „Енфилд“ на кој Ливерпул го пречекува Реал Мадрид.

„Кралевите“ од првиот натпревар имаат предност од 3-1, а тренерот Зинедин Зидан најави офанзивна игра на Реал.

“Ние мора да напаѓаме како тим. Реал секогаш оди на победа, така ќе биде и сега. Ни недостасуваат многу играчи, но ова е комплицирана и чудна сезона. Ќе се обидеме да победиме”, рече Зидан.

Реал влегува во овој натпревар без Рамос, Варан, Карвахал и Васкез, но секако се фаворити за поминување поради победата од првиот натпревар.

“Мора да одиграме совршена игра за да обезбедиме пласман во следната фаза. За да се победи тим како Реал, мора да бидеш совршен во секој поглед”, рече Клоп.

Се вчитува...