Тешко е да се поверува – Ова СП ќе биде без Никола Карабатиќ

Претстојното Светско првенство што почнува за два дена во Германија и Данска ќе биде без една од најголемите ракометни ѕвезди – Никола Карабатиќ.

Операцијата на левото стапало го исфрли најдобриот светски рајкометар од комбинација за настап на Мундијалот. За Карабатиќ ова е прво големо натпреварување што ќе го пропушти откако настапува за француската репрезентација. За репрезентацијата на Франција Никола Карабатиќ дебитираше во 2002 година и оттогаш учествувал на сите европски и светски првенства и на Олимписките игри.

На средината на октомври Карабатиќ ја изненади јавноста со објавата на социјалните мрежи дека се наоѓа во болницапред операција. По оваа хируршка интервенција бекот на ПСЖ и на француската репрезентација ќе паузира најмалку четири до шест месеци.

„Болката беше пресилна. Тешко е и многу разочарувачко… Се обидов да стискам заби, но не беше доволно. Можев да ја влошам повредата и можеби, привремено да ја прекинам кариерата. Тажен сум бидејќи го пропуштам првото светско првенство во својата кариера, но друга можност немав“ – рече 34-годишниот бек на француската репрезентација.

Никола Карабатиќ е едно од најголемите ракометни имиња на сите времиња. Од 2002 година досега, за Франција има одиграно 289 натпревари и постигнато 1149 гола. Со „експертите“ ги освои сите најголеми титули во ракометот  –  две олимписки злата и едно сребро, четири злата и две бронзи на светски првенства и три златни и две бронзени медали на европските првенства.

Во својата клупска кариера, Никола Карабатиќ од 2015 година настапува за ПСЖ.

На СП во Германија и Данска, репрезентацијата на Феранција ќе игра во групата А со Германија, Русија, Србија, Бразил и Кореја.

Се вчитува...