Директорот на Австралија опен, Крег Тајли вети дека организаторите ќе дадат се од себе сите тенисери да имаат услови да се подготват за претстојниoт турнир, иако протоколите се ригорозни и играчите се наоѓаат во целосна и постојана изолација.
Авионите со кои учесниците на првиот Грандслем во сезоната пристигнаа во Мелбурн имаа неколку лица заразени со коронавирус, поради што речиси 50 тенисери следните две недели мораат да ги минат во изолација. Ова значи дека нема да им биде дозволено ниту да тренираат.
„Секако дека не сакавме да се случи ова, но од самиот почеток знаевме дека постои ризик. Секој што доаѓа во Австралија мора да направи негативен тест пред да се качи во авион. Веднаш по пристигнувањето, сите повторно беа тестирани. Секој што бил во авионот се смета за близок контакт. Поради тоа, тие ќе мора да бидат ставени во карантин во следните две недели, нема да можат да тренираат. Ние ќе им обезбедиме опрема за да можат да вежбаат во собите. Главната цел е сите да останат здрави “ – изјави директорот на АО, Тајли.
Австралија опен е закажан за 8. февруари, а пред него треба да се играат неколку мечеви во машка и женска конкуренција во Мелбурн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА