ТФТ го преслуша и Гостивар за петта победа во низа

ТФТ ја забележа петтата победа во низа откако во вториот натпревар од 6. коло славеше на домашен терен против Гостивар со 79-70, нанесувајќи го четвртиот пораз на „сино-белите“ во сезоната.

Гостивар беше рамноправен противник само во скромното отварање на натпреварот во кој двата тима не искомбинираа ниту 30 постигнати поени за 13-15 по 10. минути игра. Први ритамот го најдоа домаќините кои го поправија впечатокот во втората четвртина, одиграа одлично во нападот и поведоа со 40-33 на полувремето.

Победникот беше решен во третата четвртина во која избраниците на Смилковски го задржаа моментумот, ги лимитираа поените во рекетот, а беа на врв на задачата во нападот па со поените на Симонс со звукот на сирената стигнаа до предност од 67-50 пред последната четвртина. Високата предност донесе опуштеност во редовите на домашниот тим, а тоа го искористија гостите кои од минута во минута ја топеа предноста и стигнаа до едноцифрена негатива (71-66), но немаа сили за целосен пресврт и неизвесна завршница.

Со 22 поени и 6 скокови Верц го предводеше ТФТ, додека со 17 поени и 7 скокови лидер на Гостивар беше Инграм.

ТФТ сега е на биланс од пет победи и само еден пораз изедначен на врвот на табелата, додека Гостивар се наоѓа во вториот дел на табелата со скор 2-4 со што ќе има тешка задача да стигне до место кое води во Купот на Македонија.

Се вчитува...