ТФТ го совлада Берое и се пласираше во следната фаза во БИБЛ

Кошаркарите на ТФТ со пресврт во последниот период, остварија триумф на домашен терен со бугарскиот тим Берое, во последниот натпревар од групната фаза во БИБЛ Лигата, и така обезбедија пласман во следната фаза. Иако имаа негатива и од 11 разлика во еден период, сепак, со одличната партија во последната четвртина, остварија победа од седум разлика (95:88).

ТФТ имаше добар почеток на мечот, и брзо стигна до предност од пет разлика, која ја имаше и во средината на првиот дел, за на крајот да изнесува само два (20:18). Во втората четвртина пад во редовите на скопскиот тим, или подобро кажано Берое се разбуди, па не само што ја анулираше разликата, туку на полувреме замина и со предност од пет разлика, иако на моменти истата изнесуваше и 11.

Во третиот период ТФТ успеа да се врати, да дојде до „егал“, па дури и до предност, но со одличен финиш бугарскиот тим, сепак, влезе во последниот период со предност од пет (71:76).

Во последната четвртина целосен пресврт. Одлична серија на домашните за израмнување, а потоа и за водство. Предноста на ТФТ во еден момент беше и двоцифрена, 10 разлика (95:85), а на крајот Берое само намали на 95:88, што беше конечен резултат.

 

 

Се вчитува...