ТФТ го „торпедираше“ Чаир 2030 за пресврт во четвртфиналната серија

ТФТ успеа да направи целосен пресврт во четвртфиналната серија против Чаир 2030 и поведе со 2-1 откако во третиот натпревар, прв на домашен терен за избраниците на Боро Смилковски без проблеми славеа со убедливи 76-65 против градскиот ривал. Пресуднен фактор за победата беше реализицијата зад линијата за три поени од каде кошаркарите во „црно-бело“ реализираа 11 обиди, а оние во „сино-бело“ само еден.

ТФТ победата ја најави уште од самиот старт добивајќи ја првата четвртина со 26-18 благодарние на подобрата реализиција зад линијата 6,75 од каде кошаркарите во „црно-бело“ постигнаа четири обиди, наспроти ниедниот на чаирчани. Сепак високата предност на тимот од Тафаталиџе брзо се стопи во втората четвртина. Чаир 2030 успеа да стигне и до негатива од само еден поен во неколку наврати, но не успеа и да го превземе водството па откако домаќините го одбија налетот на полувреме резултатот гласеше 42-37.

Арсеналот зад линијата 6.75 одново беше пресуден на отварањто на второто полувреме. Реализирајќи пет тројки од осум обиди ТФТ одново ја врати двоцифрената предност која овој пат ги достигна и највисоките +20 (62-42) кои беа преголем залак за избраниците на Рамадан и покрај тоа што „сино-белите“ успеаја да ја преполоват негативата во последната четвртина.

Целата прва петорка на ТФТ постигна двоцифен број на поени од која лидер беше Верц со 13 поени и 5 асистенции. Со 22 поени и 5 скокови Чаир 2030 го предводеше Галовеј.

Се вчитува...