ТФТ ја доби битката за Маслинко

ТФТ по одличното ланско деби на елитната македонска кошаркарска сцена со уште поголеми амбиции ќе влезе во наредната сезона. Тимот од Тафталиџе најавува преселба во салата Форца, повторно ќе биде дел од БИБЛ, а би требало да аплицира и за Купот на Европа во организација на ФИБА.

ТФТ веќе задржа дел од играчите од ланската сезона, а сега се наоѓа на прагот на потпис на уште едно домашно засилување, откако начелно ги договори деталите за потпис со Андреј Маслинко. Поранешниот кошаркар на МЗТ ја пропушти целата ланска сезона поради сериозна повреда на скочниот зглоб, но во меѓувреме успеа да се рехабилитира и би требало да биде „фит“ за стартот на новиот шампионат.

За услугите на Маслинко сериозен интерес покажа и Работнички, но ТФТ беше поконкретен во разговорите и успеа да го убеди овој 24-годишен кошаркар на преселба во прволигашот од Тафталиџе. Се очекува договорот да биде официјализиран во наредните денови, со што тренерот Смилковски ќе добие уште еден талентиран домашен играч на располагање, по потписот на Виктор Ташовски.

Се вчитува...