ТФТ како брз воз го прегази Куманово

ТФТ одигра уште еден импресивен натпревар на домашната кошаркарска сцена, на гостински терен декласирајќи го Куманово со преубедливи 68-85. Завршниот резултат можеше да биде уште поубедлив ако се знае дека ТФТ речиси цел меч водеше со над 20 поени разлика, а кумановци ја спуштија негативата дури во завршницата, откако гостинскиот тренер ги повлече клучните играчи од теренот.

Мечот беше решен за само една четвртина, откако ТФТ по првите десет минути игра стигна до водство од 14-35. Вториот период беше консолидација за кумановци, но веднаш по паузата тимот од Тафталиџе заигра фантастична одбрана, дозволувајќи му на домаќинот само осум поени за десет минути игра во третата четвртина (8-20). Победникот практично беше решен, па остатокот од мечот значеше шанса за дел од резервните кошаркари на двата тима, што немаше посериозен импакт врз конечниот исход на средбата.

Хортон повторно беше најефикасен кај ТФТ со 20 поени и 10 скокови, Леонард додаде 15 поени за победничкиот тим, додека Глигоријевиќ ги предводеше стрелците на Куманово со 20 поени.

Се вчитува...