ТФТ му се реваншираше на Академик Пловдив, тимот од Тафталиџе им се врати на победите

ТФТ го забележа и вториот триумф во балканската БИБЛ лига, а овој пат тимот од Тафталиџе успеа да му се реваншира на Академик Пловдив за поразот од Скопје, успевајќи да слави тесна победа од 81-86.

Домаќините од Бугарија беа изненадени уште на почетокот од натпреварот, кошаркарите на ТФТ покажаа тврда игра и одлична одбрана, а прецизни беа и во нападот. По десет минути игра, тимот на Пловдив обезбеди минимална предност од 24-22. Во вториот период ТФТ направи пресврт, па кошаркарите од Скопје се искачија на уште едно повисоко ниво, овој пат ги принудија домаќините на чести грешки, а тоа го казнија со позитивен резултат од плус пет поени (39-44).

Желбата за победа беше главен императив за двата тима и во второто полувреме. Домаќините покжаа нешто поголема борбеност и за момент направија висок пресинг, а ова им донесе доближување до предноста на ТФТ од само еден поен. Сепак, тимот од Тафталиџе не се предаде лесно, па во последниот одлучувачки период ја врати концентрацијата во одбрана и напад, а ваквиот пристап кон играта им донесе победа на гостински терен во еден крајно неизвесен натпревар.

Андреј Маслинко со 18 поени беше прво име во победничкиот табор, a одличен беше и Страхил Николов кој запиша 15 поени. Кај поразените се истакна Ентони Гугино со 22 поени.

Се вчитува...