ТФТ на чекор до Суперлига – славје над МЗТ 2 за дванаесетата победа во сезоната

Бајката на ТФТ продолжува и по денешниот натпревар во СЦ „Јане Сандански“ каде „црно-белите“ слевеа против составот на МЗТ 2 со 74-90 во 19. коло. Гостите своето темпо го наметнаа од самиот почеток на средбата, на време ги консолидираа своите редови при падот на концентрацијата и одолеаја на налетот на домаќинот на почетокот на второто полувреме, па стигнаа до 12 победа во сезоната.

ТФТ ја наметна својата игра од самото отварање на натпреварот, избраниците на Смилковски стигаа до лесни поени од транзиција па брзо поведоа и со двоцифрена разлика. МЗТ Скопје 2 се намачи да го пронајде своето темпо, но преку добрата одбрана младиот состав стигна до лесни поени на самиот крај на првата четвртина па ја намали негативата на само шест поени (14-20). До крајот на првото полувреме избраниците на Даскаловски одиграа добро во одбраната каде го лимитираа гостинот во својата игра, а згора на тоа пронајдоа и пробив во рекетот на ТФТ, па ја преполовија негативата по 20. минути игра (36-39).

Добриот моментум на составот од Аеродром продолжи и на отварањето на второто полувреме во кое „сино-белите“ го превземаа водството (47-44), а домаќините имаат за што да жалат бидејќи можеа и дополнително да го зголемат водството. Наместо тоа, ТФТ ги консолидираше своите редови, ја зацврсти одбраната и повторно ја превзема иницијативата. Од минута во минута кошаркарите во „црно-бело“ ја зголемуваа предноста, додека МЗТ Скопје 2 на момент се одржуваше во игра преку поените од рекетот, но избраниците на Даскаловски немаа сили за нов „камбек“ против фаворизираниот состав од Тафталиџе.

Со дабл-дабл од 22 поени и 13 скока Роб Монтгомери беше предводник на домашниот состав, додека со 15 поени и 6 скока него го следеше Максим Митевски. Како двоцифрени со 11, односно 10 поени натпреварот го завршија и Зекири и Стојановски. Кај гостите најрасположен со 20 поени беше Лахланд Андерсон, додека по 19 поени додадоа Тај Харис и Амир Смит на кои центарот на ТФТ додаде и 15 скока и 7 блокови.

Се вчитува...