ТФТ не знае како се победува во АБА2

Екипата на ТФТ го претрпе и петтиот пораз во низа во АБА2 лигата, откако вечерва загуби на дуелот со Слога Краљево со 88-92, останувајќи на дното на табелата во регионалното натпреварување. Ова беше меч на кој освојувачот на Купот на Македонија имаше ривал што лесно можеше да биде совладан, но ТФТ одигра катастрофално во одбраната, прими повеќе од 90 поени, па не помогна ниту добриот шут од далечина што избраниците на Боро Смилковски го имаа вечерва.

Играта во првата четвртина беше израмнета до 12-11, кога ТФТ постигна осум поени во низа преку Бишоп и поведе со 20-11. Противникот од Србија успеа да се врати, до крајот на четвртината намалувајќи на 20-17. ТФТ повторно беше подобар ривал во голем дел од втората четвртина, во неколку ситуации имаше „плус седум“, за Слога на намали на 44-39 со поените на Андервуд, резултат со кој се замина на одмор откако ТФТ во првите 20 минути шутираше тројка со 46% успешност.

Противничкиот состав заигра нешто подобро во второто полувреме и ја презеде контролата над резултатот. Слога имаше и седум поени предност, но ТФТ успеа да се врати и со двете тројки во серија на Костоски за момент и да поведе од 79-84 до 85-84. Тренерот на Слога веднаш побара тајмаут, по што српскиот тим направи серија и го реши победникот во своја корист, пред Костоски со својата шеста тројка на мечот само да го ублажи поразот на македонскиот претставник.

Костоски и Мекбрајер постигнаа по 20, а Бишоп 19 поени за ТФТ, додека Страхил Николов го заврши мечот со 13 поени.

Се вчитува...