ТФТ се избори за мајсторка, Еуро Никел пет минути не даде кош

Еуро Никел и ТФТ со мајсторка ќе го одредат патникот во полуфиналето од кошаркарскиот плејоф откако и вториот меч заврши со триумф на гостинскиот тим, овојпат на ТФТ среде Кавадарци со резултат 72-76. Еуро Никел имаше одлична можност да стигне до победа на домашен терен за да го осигура полуфиналето, но избраниците на Самарџиев вината мора да ја бараат во своите редови, поточно во неефикасноста на нападот кој во последните нецели пет минути не реализираше ниту еден единствен поен.

Дуелот мина во израмнета борба на двете страни, ТФТ беше нешто подобар во втората четвртина (18-25), но домаќините експресно се вратија и го одведоа мечот во израмнета завршница. Еуро Никел последните поени ги постигна преку Младеновиќ за водство од 72:69, кога на семафорот стоеше 4:52 минути до крајот. До самиот крај домашните кошаркари не успеаја да се мрднат од овие 72 поени, а трагичар беше Младеновиќ, кој не реализираше две слободни фрлања на три секунди до крајот, при резултат 72-74. Веднаш беше направена лична грешка врз Александар Костоски, по што искусниот плејмејкер на ТФТ ја запечати победата која ќе значи и мајсторка во СРЦ „Кале“.

Мекбраер со 20 поени беше прв стрелец на победничкиот тим, Костоски реализираше 12 поени и седум асистенции, додека најзабележителни во таборот на Еуро Никел беа Планиниќ со 19 поени и Младеновиќ, кој реализираше 12 поени и 12 асистенции.

Се вчитува...