ТФТ стави крај на серијата од пет порази едно по друго во македонското првенство откако во 12. коло славеше над Кожув со 101-84. „Црно-белите“ одиграа одличен поентерски натпревар во кој реализираа со 52 отстотност од поле со 48 отстотност за три поени и заслужено ставија крај на календарската година со победа.
Натпреварот започна во одлично напаѓачко темпо на двете страни од паркетот во кое подобро се снајдоа гостите кои со мини серии успеаја да стекнат предност од 20-28 по 10. минути игра. Сепак избраниците на Николов не успеаја да го задржат моментумот и до полувреме, а одлично одговорија домашните кошаркари кои во втората четвртина брзо ја стопија негативата и успеаја да го превземат водството (32-30), а благодарение на сигурната реализација и да го наметнат своето темпо за двоцифрена предност на полувремето (53-43).
Добрата игра на ТФТ продолжи и на отварањето на второто полувреме. Течниот напад носеше лесни поени па избраниците на Смилковски во еден момент стигнаа и до позитива од 18 поени (70-52) за високата предност да биде задржана и во пресрет на последните десет минути (78-61). Во нив гостите не се предадоа, напротив одиграа одлично во воведот и успеаја да ја намалат негативата на само осум поени (81-73), но немаа сили за враќање на резултатската неизвеност.
Амир Смит со дабл-дабл од 21 поен и 15 скока беше енигма за гевгеличани, а него го следеше Алекандар Костоски со 18 поени и 10 асистенции. Дабл-дабл оствари и Маслинко кој додаде 15 поени и 16 скока, а како двоцифрен мечот го заврши и Хортон кој броеше до 12 поени. Кај гостите 28 поени и 6 скока забележа Марко Симоновски, додека 26 поени, 10 скока и 7 асистенции додаде Вилијамс. 11 поени постигна Граниќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА